Велигден на Крф – најграндиозната верска прослава во Европа

5773

Зошто баш островот Крф како дестинација каде треба да се помине овој голем празник? Бидејќи, најголемиот христијански празник Велигден на Крф има сосема поинакво значење. Тоа претставува славење на животот на Исус Христос и грандиозно одбележување на неговото Воскресение. Жителите на островот се големи верници кои цели три дена го одбележуваат овој настан со неверојатни церемонии, филхармонии, оркестри, огномет и најглавниот спектакл – традиционалното фрлање на ќупови. Токму затоа за Велигден тука има илјадници туристи од целиот свет. Бидете и вие дел од овој магичен настан.

Како и ние, така и Грците се православни христијани, кои датумот на одржување на Велигден го задржале според стариот календар, па така оваа година Велигден ќе се прославува викендот од 13-17ти април. Уште една работа која оди во прилог на овој празник е што секогаш на островите времето е доста поубаво за разлика од другите места, па затоа овој празник може да се комплетира со убавото Сонце и оние најхрабрите да уживаат во Јонското море.

Што се случува за време на овој празник на Крф?

Ова претставува најголемиот настан на годината, со многу внимателно планирање, па затоа никаде на друго место нема да наидете на слична прослава. Локалното население со недели се подготвува за овој спектакл. Првите случувања се во недела (една недела пред празникот), кога жителите на градот Крф ги започнуваат своите велигденски свечености, бидејќи тогаш семејствата се собираат за да подготват традиционални велигденски слатки, како вкусни колачи со мед и бадеми, како и бојадисувањето на црвени јајца- симболот на Велигден, подготвувајќи се за Велики Четврток.

Потоа на Велики Четврток, многу локални жители се упатуваат во црква за да ги слушаат читањата од евангелијата. По овие служби, градските ѕвона започнуваат да ѕвонат, а со тоа се најавува доаѓањето денот на жалост.

На Велики Петок, жителите се будат со звуците на свеченото ѕвонење на црковните камбани на градот и се до попладневните часови низ улиците се движат поворки, а на секоја на чело има „епитафиос“ (икона од Исус). Последната поворка во денот е предводена од најбогато украсениот епитафиос, која започнува во 22 часот, придружена со тажна музика.

На Велика Сабота, прославите ја достигнуваат својата кулминација. Тогаш се изнесува статуата на Богородица и моштите на најзначајниот светец-заштитник на островот, Свети Спиридон низ улиците, по што следуваат свештениците, граѓанските функционери, бендовите, хоровите и голем дел од градското население.

Но она што е централен настан во Саботата се случува точно во 11:00 часот, кога сите туристи се собираат на плоштадите во стариот дел од градот за да проследат популарната церемонија на фрлање на ќупови. Токму во 11 часот било објавено воскресението на Христос, па затоа штом заѕвонат ѕвоната, тоа е знак за сите кои се наоѓаат на безбројните тераси од прекрасните стари градби да почнат со фрлање на ќуповите полни со вода.

Тоа е вистинско шоу кое предизвикува возбуда меѓу туристите (кои секако се наоѓаат на безбедно растојание од ќуповите). Илјадници ќупови се фрлаат во исто време, а со таа церемонија се сака да се даде до знаење дека се исфрлуваат сите лоши влијанија, а водата ги чисти негативните работи. По завршувањето на овој адет, секој си зема по некое парче од ќуповите од земјата и треба да го чува во својот дом за среќа за целата година.

Сепак, тука не застануваат настаните. Како што доаѓа ноќта, така посетителите се собираат на големиот плоштад во градот Крф со големи свеќи за да чекаат да дојде полноќ.

Точно во 00:00 часот повторно се прогласува Христовото Воскресение, зголемувајќи ја прекрасната атмосфера со светлината од илјадниците свеќи кои треперат, а ноќното небо се осветлува со спектакуларниот огномет кој трае 10 минути. Потоа полека се стивнува атмосферата и завршува големата прослава.

Велигденската Недела во градот Крф е релативно тивка. Семејствата одат еден кај друг на свечен ручек, пријателите се дружат. Цели трпези со јагниња и велигденски специјалитети се служат се до вечерните часови.

Туристичката агенција GO Travel Ви овозможува да го доживеете овој несекојдневен спектакл за празникот Велигден. Не се двоумете и дојдете заедно да уживаме цели четири дена на овој прекрасен остров.