Бисерот на Дунав и престолнината на слободата ќе ве освојат од првиот пат, но и секој нареден пат кога ќе ја посетите.
Ниту еден град не се сместил толку вешто околу Дунав како Будимпешта. Овој милионски град со леснотија им парира на сите културnи туристички метрополи како што се Берлин, Рим, Париз или Лондон.
Будимпешта е еден од најубавите градови на светот, суптилно преплетен со историски турбуленции и изобилство на влијанија од истокот и западот, а ќе ве изненади со миксот од архитектурата, културата и кујната.
За Будимпешта
Будимпешта е престолнината на Република Унгарија и претставува главен економски, политички, културен, сообраќаен, индустриски и трговски центар за земјата. Градот се развил на крајбрежјето на реката Дунав и настанал со спојување на Будим, на десно и Пешта на левото крајбрежје на најпознатата европска река. Интересен е податокот дека Дунав на својот тек низ Европа тече низ четири главни града од кои три започнуваат со буквата Б. Будимпешта е трета престолнина по ред која се развила на крајбрежјето на Дунав, по Виена и Братислава, додека низводно на крајбрежјето на оваа река е сместен Белград.
Основни информации за градот
Будимпешта се наоѓа во иста временска зона како и Скопје, така што нема потреба да го менувате времето на часовниците. Официјална валута е унгарска форинта (HUF)и сите готовински плаќања мора да се извршат вo форинти.
*100 HUF =0,30 евра
Официјален јазик во Будимпешта е унгарскиот, но поради голем број туристи работниците во рестораните, хотелите, продавниците зборуваат англиски јазик.
Што да се посети и види во Будимпешта
Будимпешта е град со бурна историја, преполн со прекрасна архитектура и важни историски и културни споменици, град на лековити извори и уредени бањи, паркови, шеталишта, град кој во целост ја искористил својата извонредна положба на крајбрежјето на Дунав.
Обиколка на Будимпешта би требало да се започне во Ваци улицата која е главна пешачка шопинг улица во градот. Од Ваци улицата патот лесно може да Ве доведе до познатиот Kossuth плоштад на кој е сместена зградата на Парламентот, една од најголемите во Европа. Парламентот е граден во неоготски стил, а на препознатливиот изглед допринела и неоренесансна купола. Особена убавина на Парламентот му ја дава и изворедната позиција на левото крајбрежје а Дунав, веднаш покрај реката, па во погледот на Парламентот може да се ужива и за време на преминување на некои од мостовите или за време на возење со брод по Дунав.
Andrassy булевар, познат и по името „авенија на културата“ поради голем број на културни знаменитости кои се сместени по должина на булеварот, а помеѓу кои најпознатата е Операта, е еден од најважните булевари во Будимпешта. Тој води до Hoske tere, Плоштадот на Хероите, еден од главните градски плоштади, кој заедно со булеварот е дел од светското културно наследство. Централниот дел од плоштадот го претставува Милениумски споменик со статуи на седум племенски водачи кои ја основале Унгарија. Тука исто така се наоѓаат и статуи на други важни личности од унгарската историја, кралот Стјепан, Бела Четврта, Матијаш Корвин и Лајош Кошута, а средиштето на плоштадот го зазема 36 метри високиот коринтски столб, на чиј врв се наоѓа кипот на архангел Габриел. Во склоп на Плоштадот на хероите, на неговите бочни страни, се наоѓаат и два значајни музеи – Музејот на применети уметности и Музејот на современата уметност, а во непосредна близина е лоцирана и Зоолошката градина и главниот градски парк.
Доста интересна атракција е и дворецот Vadahujand кој претставува реплика на романски дворци. Ова здание всушност не постоело во минатото, туку е изградено од картон и штици за време на Милениумската прослава на почетокот на минатиот век, но поради интересниот изглед, на барање на жителите на Будимпешта се донела одлука дворецот да се изгради во целост. Ова интригантно здание всушност нема никаква историска, но има голема туристичка вредност.
Крајбрежјата на Дунав на кои е подигната Будимпешта се поврзани со голем број мостови, а најубавиот, најпознатиот и највредниот е Сечиниевиот ланчан мост. Овој мост го претставува и првиот постојан премин преку Дунав во Будимпешта и бил исклучително значаен за обединување на Будим и Пешта. Мостот го красат камени статуи на лавови, кои симболично го чуваат.
Кога од Пешта ќе се премине преку овој мост и ќе дојдете во Будим, патот ве носи на Будимската тврдина, а посетете го кралскиот дворец и Рибарскиот бастион. Будимската тврдина го претставува стариот град Будим кој во минатото бил главен стратешки центар. Будимската тврдина во текот на бурната историја била освојувана и ослободувана 30 пати, а на самиот крај на нагорнината е изграден кралскиот дворец во кој денеска се наоѓа Историскиот музеј на Будимпешта, Националната галерија на Унгарија и националната библиотека на Сечењијев.
Од Рибарскиот бастион се протега еден од најубавите погледи на Пешта, Дунав, мостовите, зградата на Парламентот, а самата кула е интереса по несекојдневниот изглед и архитектурата. Иако средновековниот изглед на кулата оддава впечаток дека е изградена во далечно минато, комплексот на Рибарскиот бастион е граден дури во 1905 година. Името го добил по тоа што во текот на борбите во средновековните војни, рибарите биле задолжени за одбраната на ова страна од височината, а комплексот го сочинуваат седумте кули кои ги симболизираат седумте племиња, основачите на Унгарија.
Неизоставна точка во обиколка на унгарската престолнина е брдото Гелерт од кој се протега фантастичен панорамски поглед на градот. Како на дланка се гледаат и Будим и Пешта, Дунав кој се протега помеѓу нив и мостовите кои ги спојуваат. На врвот на брдото Гелерт се наоѓа една од најпрепознатливите статуи на Будимпешта, споменикот на слободата, женска фигура која држи гранка од палма, симбол на победата, Овој споменик е кренат во знак на сеќавање на Советските трупи кои загинале во текот на ослободувањето на Унгарија во 1945 година.
За волшебно доживување на Будимпешта неизбежно е да се посети и „волшебното острово“ Margitszegit, кој се наоѓа помеѓу Будим и Пешта, на Дунав и е долг 2,5 км. Островот е најпознатата рекреативна зона во Будимпешта, со бројни паркови, градини и туристички атракции како што се музичката фонтана и водената кула, малата јапонска термален рибник, зоолошка градина, егзотични водопади.
Да потсетиме, Будимпешта не мора да има исклучиво културен, туку може да се гледа и како град кој има рекреативно здравствен карактер, а тоа го докажува и фактот дека оваа престолнина е позната по голем број лековити, термални и минерални извори со голем број уредени бањи. Една од најпознатите е термалната Сечењи бања, која претставува комплекс од 21 базен и денес е модерен, но и бањски центар.
Во град каков што е Будимпешта, музеј на отворено, секој квадратен метар може да ви биде интересен. Сигурно нема да останете гладни, затоа што покрај сето друго ќе ве маѓепса и унгарската кујна. Кој не пробал „жербо“ торта во истоимената слаткара, најстара во Европа, на Вересмарти плоштадот, тој не бил во Будимпешта. Унгарците го негуваат култот на десертите уште од времето на Австро – унгарското царство, по освен спомнатата може да пробате и „естерхази“, „сахер“ или „добош“ торта во слаткарата „Русвурм“ во близина на Црквата Свети Матеј на Будим.
Бројните туристи и светските патници сакаат да речат дека Будимпешта е неисцрпна дестинација, затоа што колку и да пати да ја посетите секогаш може да најдете нешто што не сте го виделе, место кое не сте го посетиле или авантура во која не сте се впуштиле. Поради тоа предлагаме да ги спакувате куферите и да тргнете во посета на Будимпешта и тоа веднаш, затоа што ќе ви треба време за да ги откриете сите нејзини убавини, а верувајте ни на збор со сигурност ќе се вратите повторно во овој прекрасен град.