Гастрономијата на Крф

1423

Грчката кујна од секогаш била примамлива, особено затоа што е многу блиска до нашата, слични навики, слични специјалитети, но сепак постојат и такви деликатеси кои се типични само за оваа нација. Така на пример гирото е незаменлив дел од брзиот начин на исхрана, но и омилен меѓу широките народни маси. Сепак, грчката кујна не е само гиро, суфлаки и грчка салата. Има безброј фантастични специјалитети, а овој пат ќе се задржиме на оние кои се типични за островот Крф, каде со векови влијаела венецијанската, сицилијанската и француската кујна поради тоа што островот бил под власт на тие држави.

При вашата посета на овој остров, задожително треба да пробате:

*Pastitsada – Станува збор за традиционален рецепт од Крф, каде секој си има своја персонализирана верзија на подготовка, осоебно кога се работи за комбинацијата на зачините и вкусот. Месото е говедско, кое се подготвува токму со тие зачини (кромид, лук и безброј други)и сос, а тајната е во долгите часови на негово варење и додавањето на цимет во самото месо и сос. Потоа сето ова се меша со тестенини и така се добива најпопуларниот неделен фамилијарен ручек на островот „пастичада“, која имала влијание од италијанската кујна.

*Sofrito – И ова е едно од најпопуларните јадења кои се подготвуваат на островот и се меѓу омилените. Секако повторно тука е говедското месо потопено во брашно, подготвено со сос од вино, лук и магдонос, а се служи со пире или ориз.

*Мусака – Ова не ни е непознато јадење, но повторно во Грција има посебен начин на подготовка и е голем дел од исхраната на Крфјаните. Потсетува на лазањи, но со малку поинакви состојки. Така на пример се прави со модар патлиџан, компир, бешамел сос и мелено месо. Сето тоа се реди во слоеви и потоа се пече, секако на врвот со кашкавал. Затоа и за многумина ова потсетува на надградена лазања, но вкусот е сосема поинаков и уникатен.

*Fish Bianco – Ова јадење е следно на списокот за сите оние кои се љубители на морската храна, а знаеме дека сите острови и приморски места се специјализирани токму за нив. Тоа е парче мека риба потопена со бело вино на подлога од компир. Компирот е пржен со многу лук и маслиново масло, заедно со сол и зачини, а потоа оставени да се оладат и омекнат.

 *Saganaki – Иако е специјалитет во целата земја, особено се конзумира овој тип на сирење на Крф кое претежно се конзумира како предјадење. Подготовката е едноставна, сирењето се пржи во тава без никакви додатоци и се служи со мармалад или мед.

*Koum Quat: Овошје кое е ретко и типично за овој остров, а од коe се подготвуваат секакви ликери и слатки, па така и десерт од oвошјето со павлака.

*Tiganites: ова е варијација на традиционалните грчки Локумадес – печени крофни полни со шеќер, мармалад или еурокрем

Вина и винарии

Крф е посебно познат по вината кои станале островска традиција -сите вина се произведени во приватни винарии со кои истите семејства управуваат со години и не постои масовно производство. Сите вина на Крф се прават без адитиви, а најпопуларни се:

*Kakotrigis:  бело вино кое може да биде благо и суво

*Moscato:лесно и благо бело вино

*Petrokoritho: суво црно вино

Списокот на храна и пијалоци особено на Крф е долг и неисрпен, секоја таверна, секој ресторан има свој начин на подготовка, што претставува вистински благослов за нашите сетила за вкус. Па затоа, кога ќе го посетите овој остров, седнете во некоја традиционална таверна која можеби на прв поглед не изгледа привлечно, но обично секогаш храната е највкусна и истражувајте го менито и нарачајте нешто домашно. Вашиот стомак ќе ви биде благодарен. Уживајте!