Овие светски познати ѕвезди го посетиле Крф и се заљубиле

4240

Островот Крф покрај тоа што е топ дестинација за посета од страна на туристите од целиот свет, исто така е неодолив и за познатите ѕвезди. Секоја година звучни и популарни лица од џет сетот го ставаат Крф на нивната мапа за посета кога крстарат со нивните јахти вредни милиони.

Така низ годините од познати филмски, музички, па дури и кралски позадини, на овој остров подеднакво му се воодушевуваат сите.

Принцот Чарлс и неговата сопруга Камила, во 2017-та година го посетија овој егзотичен остров, каде пристигнаа на интернационалниот аеродром на Крф и оттаму крстареа на луксузна јахта неколку дена по тиркизните води на Јонското море. Тие поминаа и неколку дена на замокот на познатото банкарско семејство Ротшилд, кој повеќе од 40 години го посетуваат познати личности од целиот свет. Принцот Чарлс изјавил дека е воодушевен од убавината на островот Крф.

И омилениот актер Вил Смит во 2017-та година со семејството ја закотви својата јахта на водите на Јонското море кај Крф и уживаше во фамилијарниот одмор.

Тој неколку пати застана на брегот на островот да прошета и да проба некои од традиционалните грчки деликатеси, а она што привлече особено внимание е што заедно со фамилијата при посетата на островите Паксос и Антипаксос го чистеа ѓубрето кое несовесните туристи го оставиле зад себе.

Познатиот актер Брус Вилис многупати доаѓа на Крф, кој толку многу му се допаднал, што постојат шпекулации дека купил имот на самиот остров.

Филмскиот режисер Тим Бартон во 2012-та година го одбра Крф за негово место за одмор и релаксација со неговата сопруга, каде неколку недели беа сместени во луксузна вила.

73 годишниот актер Мајкл Даглас годинава со својот приватен авион во сосема опуштено издание пристигна на аеродромот на Крф, каде со задоволство се сликаше со сите вработени на аеродромот.

Ова не е прв пат актерот да дојде тука. Тој во 2011-та година заедно со сопругата Кетрин Зита Џонс, дојдоа заедно по покана на принцезата Лала Салма од Мароко, а забележан е и во 2016-та година на плоштадот Листон во стариот дел од градот Крф.

Светски познатиот тениски ас од Балканот, Новак Ѓоковиќ во 2012 година со тогашната девојка Јелена и нивното милениче исто така летуваа на Крф на местото Барбати, недалеку од популарното летувалиште за Македонците, Ипсос.

Меѓу другите кои биле на овој остров се пејачот Џон Бон Џови, Кејт Мос со фамилијата, Леонардо Ди Каприо, принцезата на Монако.

Со години внимание привлекува јахтата на милионерот Роман Абрамовиќ, кој секоја година со недели престојува на североисточната обала на Крф, а често знае да отседне и во куќата на сопственикот на Фиат и Ферари, Аниели.

И нашите соседи често доаѓаат на овој остров, особено познатите од Србија поради поврзаноста на српската историја со островот, па така и пејачот Владо Георгиев неколку години доаѓа да летува тука.

Она што е интересен податок е што познатиот грчки пејач, кој ја претставуваше Грција на Евровизија во 2004-та година, Сакис Рувас е роден токму на овој остров и секое лето поминува долг период тука.

Долг е списокот на познати личности кои биле на овој остров и интересно е што сите се враќаат. Сите се согласни во тоа дека е еден од најживописните острови кој изобилува со убавина и природа.

Кога познатите се заљубени во него, заљубете се и Вие. Ве очекуваме на Крф, па можеби ќе имате среќа да налетате на некој од познатите личности.