Се што треба да знаете за островот КРФ

15862

Крф – смарагдот на Јонските острови

Општо

Крф е остров со бурна историја, но и е еден од најубавите острови во Грција, исполнет со бујна вегетација и зелени површини, затоа уште и го нарекуваат Зелениот смарагд. За Крф пишувал и Хомер во неговата Одисеја односно опишано е доаѓањето на Одисеј во земјата на Феачаните и тоа е една од најзачудувачките епски песни во неговото дело.

Островот е исклучително убав со неверојатна вегетација и сафирна боја на морето, а самиот народ кој живее тука е многу мирен и отворен за туристи со весел дух.

Тие особено ги сакаат музиката и танцот секогаш празниците ги слават со фешти, особено за велигденските празници. Токму поради целата слика за островот, тој бил многу привлечен за освојување, а секој нов окупатор оставал прекрасни подароци кои останале во нивната култура, традиција и обичаи. Затоа Крф е остров кој ке ве остави без здив и е рај за очите. Владетелите го сакале, па затоа не штеделе да остават бројни палати и со тоа оставиле свој белег засекогаш.

Географија

Крф е втор по големина од Јонските острови со површина од 590 км2, 60 км во должина и најголема ширина од 32 км. Климата е медитеранска, зимите се благи, а летата се пријатни и топли. Поради климата, влагата и местоположбата Крф е идеален за одгледување на маслинки, и тоа не било какви, туку посебен вид на црни маслинки кои ги има низ целиот остров. Покрај маслинките познато е и овошјето кум куат со големина на лимон, а со изглед на портокал.

Легенда за Крф

Богот на морето Посејдон се заљубил во нимфата Керкира и нивната љубов била забранета, па затоа тој ја украл од татко и и избегале токму на овој остров. Му го родила синот Фејакас, кој бил зачетник на нов народ, во митологијата познати како Фејачани. Фејачаните се сметаат за пра-жители на Крф, а тоа го пишувал и Хомер, нарекувајќи ја нивната држава Шерија. Во чест на неговата мајка, денес островот се вика Керкира бидејќи народот многу добро ги прифатил и останале да живеат таму со своите деца до крајот на својот живот. Сепак од комерцијални причини островот низ светот е познат како Corfu.

И главниот град се вика Крф и само тој функционира како вистински град, додека сите околни места се населби и села претворени во туристички места. Во градот се наоѓа целата администрација и власт, имаат посебни министерства, а тука се и училиштата, банките и болници. Самиот град има околу 35000 жители, а за време на летото бројот се зголемува двојно или тројно.

Историја

Пронајдени се предмети и докази дека на островот живееле луѓе уште во праисториска доба, но низ историјата Крф сменил многу освојувачи, многу се рушело, но и многу се градело, а и народот се менувал. Во третиот век островот бил под чест напад од пирати и за да ги избегне народот останал под власта на римјаните кои добиле целосна автономија и многу привилегии. Сепак во истиот век престанало нивното владеење по смртта на Константин Велики. Тогаш Крф бил под Византиска власт се до 1267 година. За целото тоа време Крф бил мета на безброј освојувачи, а најмногу на турските.

Во 17 век Бонапарта решил да го освои и пратил голема војска, а народот ја прифатил француската власт поради големите ветувања. Во тој период локалното население било под притисок на турците и се плашеле од нив бидеќи го ограбувале осторвот, но благодарение на тврдината Анџелокастро и огромните тврдини со кои е заграден градот тие успеваат да се одбранат од нив. Сепак власта на французите кратко траела и во 1799 година стапила руската окупација која траела само 10 години. Тогаш се вратиле французите на чело со Наполеон, но и тоа кратко траело, за потоа да дојдат англичаните кои владееле околу 50 години, за по нив да дојдат италијаните на власт.

Значаен податок кој треба да се истакне е дека турците кои во тоа време се обидувале да го освојат светот, постојано се обидувале да го освојат островот. Но Крф е единственото место во кое апсолутно не успеале да влезат, а небаре да завладеат. Тоа се должи на огромните тврдини со кои е опколен градот, а и островот и го направиле буквално неосвоив.

За време на Првата Светска Војна, Крф бил седиште на српската влада која била во прогонство, а во 1917 година е потпишан Крфскиот пакт, со кој е одлучено да се создаде Југославија.

Инаку српската историја е тесно поврзана за ова место. Во овој период се запишани најтрагичните, но и најславните моменти од нивната историја. Под притисок од австро-унгарската војска, србите имале две опции, да потпишат капитулација или да се повлечат. Така тие решиле да се повлечат преку Црна Гора и Албанија, а нашле прибежиште на Крф, откако после месец дена одење пеш по лоши временски услови, стигнале таму преку Албанија. Околу 150 илјади цивили и војници се засолниле на Крф. Оттаму и околу три години се водела српската држава. Србите го нарекле “Островот на спасот”, а за време на нивниот престој таму, србите направиле силни врски со локалното население, кое трае до денеска. Доста срби останале да живеат на островот,  склучени се многу бракови, а повеќето од нив се сопственици на локали, продавници и слично.

Додека се оди кон градот Крф има едно островче кое се нарекува Видо. Тоа е местото каде била болницата каде се лекувале србските војници. Голем број од нив се погребани во морето крај островот во т.н. сина гробница, а денес во знак на почит кон нив, на островот се испишани нивните имиња и се фрлаат црвени рози во морето.

Спојувањето кон Грција настанало на 21 мај 1864 година, поради разните притисоци и волјата на народот да се припои кон татковината. Во тој период имало војна, бомбардирања и многу жртви. Она што е интересно е што никаде не постои документ со кој се потврдува дека Крф и припаѓа на Грција.

Крф денес

Крф има мултукултурен дух. Додека шетате низ стариот дел од градот, ќе имате чувство како да се враќате во минатото, а истовремено се наоѓате во сегашноста. Неговата архитектура е успешен спој на разноликостите кои истовремено го имаат шармот на Париз, Венеција и Лондон. Големиот број на тесни улички со куќи од тоа време се речиси непроменети до денес.

Постои забрана да се модернизираат куќите со цел да се задржи автентичноста на градот. Малите улички му даваат посебна отменост на стариот град, некаде се толку тесни што можете со раширени раце да ги допрете куќите од двете страни. Малите фонтани и плоштади, старите млетачки куќи во кои денес се сместени многубројните таверни, галерии и продавници за сувенири, бројни цркви со монументални фасади се изградени од времето на Млет, а денес му даваат посебен шарм на стариот град. За време на млетачкото владеење изградени се и две тврдини, стара и нова, на кои до ден денес им се восхитуваме.

Знаменитости

Градот Крф изобилува со знаменитости од различни историски времиња меѓу кои најпознати се старата тврдина, новата тврдина, плоштадите Спианада и Листон, палатата на Св. Михаил и Св. Ѓорѓија, зградата на општината и општикскиот плоштад, Јонската Академија, црквата Св. Спиридон, Канони, палатата Мон Репо и многу други знаменитости.

Традиција

Бидејќи народот е весел и отворен, музиката заземала централно место во нивниот живот. Народот сака фолклор и театар и имаат преубави носии. Верата кај грците е многу важна, а особено за крфјаните, па затоа и се прават големи прослави за Велигден и нивните локални празници.

За најголем заштитник на островот се смета дека е Св. Спиридон. Легендата вели дека тој неколку пати го заштитил островот од напади со неговите чудесни интервенции. Тој бил овчар од Кипар, кој по смртта на неговата сопруга се замонашува и се сели на Крф со цел да го шири христијанството. Тој се смета за главниот „виновник“ зошто турците не успеале да го освојат островот. Се смета дека кога огромна турска војска, која била илјадници пати поголема од нивната се наближувала кон островот со големи бродови, тој направил бура, и со тоа го ослабнал непријателот, голем дел војници умреле, други се повлекле, а оние кои успеале да пристигнат на Крф се разболеле од чума, која подоцна Спиридон ја истерал од островот.

Неговото присуство е нагласено и во нивните животи, а доказ за тоа е што најчесто има е името Спирос. Во црквата Св. Спиридон се наоѓаат неговите мошти кои три пати во годината се вадат надвор и со специјални церемонии парадираат низ градот бидејќи се верува дека на тој начин го заштитуваат и чистат островот од лоши влијанија.

Туристички атракции

За разлика од другите јонски острови, на кои има делови кои се недостапни целосно за туризам, на овој остров тоа не е случај. Можете да го истражите целосно. Во источниот дел најпопуларната туристичка дестинација е Ипсос, а веднаш до него се наоѓаат местата, Дасиа и Гувиа. Во овој дел се наоѓа и градот Крф. Одејќи кон југ следуваат Беницес, Мораитика и Месонги. Најјужна точка на островот е Кавос познато по најлудите журки во Грција.

Забавни факти за Крф, кои сигурно не ги знаевте

  • Познатиот грчки пејач Сакис Рувас кој ја претставуваше Грција на Евровизија во 2004-та година е роден на овој остров во местото Mandoukion, во близина на градот Крф.
  • Првиот крикет клуб во Грција доаѓа од Крф, а на островот е донесен од англичаните во 1896 година
  • Кинеското овошје Кумкуат кое се верува дека има моќ да лекува рак, освен во Кина расте исклучиво само на Крф
  • 3% од светското производство на маслиново масло му припаѓа на Крф. Островот е обраснат со ретките црни маслинки, има околу 3-6 милиони стебла
  • Крф е остров со рекорден број на плажи. Вкупно ги има околу 119.
  • Кафулето La Grotta  кое се наоѓа во местото Палеокастрица е направено во склоп на пештера, а за да се спуштите до него треба да се симнете низ околу 150 скалички.
  • Островот е лулка на културата и науката. На Крф е оформен првиот универзитет на Грција, Јонскиот универзитет и отворени се првиот театар и опера на Грција.
  • Градот Крф е познат по големиот број на цркви, вкупно 37.
  • На Крф има вкупно 19 марширачки бендови. Еден од четири жители има музичко образование.

ЛИСТОН

Плоштадот Листон е направен во времето на владеењето на французите со островот. Тие секогаш кога граделе имале навика во центарот на градот да направат плоштад со цел тоа место да биде место каде народот ќе се собира и ќе слави или ќе се жали. Го осмислил таткото на идниот проектант на Суецкиот канал, францускиот архитект Лесепс, а изградбата траела од 1807-1814 година. Листон е направен по пример на зградата во улицата Де Риволи во Париз. Денеска, тука се сместени најпознатите кафулиња, ресторани, кафеани, галерии и продавници и е полно со живот.

ПАЛАТАТА СВ.МИХАИЛ И ЃОРГИЈА

Се простира долж северната страна на плоштадот Спианада. Палатата му припаѓала на англискиот комесар Томас Меитланд, кој ја користел како своја резиденција. Овде било седиштето на јонскиот сенат и државната ризница, како и врховниот центар од следбениците на Св. Михаил и Ѓорѓија, по кои и го добила името.

Оваа организација е основана во Англија 1818 година и имала за улога да ги наградува и да им помага на жителите на Малта и на јонските острови, кои допринесувале за просперитет на Велика Британија. По соединувањето во 1864-та година, палатата ја користела грчката кралска фамилика како летна резиденција. По втората светска војна, по препорака на министерството за образование зградата била претворена во мултифункционална целина, каде денес се наоѓаат: архивата на јонската академија, археолошка служба, градската библиотека (со околу 60.000 наслови). Градската галерија и фасцинантна колекција на азијатски уметности.

СТАРАТА ТВРДИНА

Прв градителски потфат на Млетските градители кои имале за цел да ја зацврстат и прошират византиската тврдина Корифо, за подобро да се подготват за одбрана од Турците. Во 15 век доградиле два ѕида, од внатрешниот и надворешниот дел кои имале за цел одбрана од напад од море. Од западната страна прокопале канал, кој ја одвоил тврдината од копното. Денес овој канал е еден од најмирните и најромантичните делови од градот, каде се закотвени малите рибарски чамци.

Во внатрешноста на тврдината можат да се видат две кули, Кастел дел Тере и Кастел дел Маре, заедно со остатоци од топовниците, подземни тунели, затворски ќелии и црквата Св.Ѓоргија изградена во 1840-та година. Таа претставува базилика со дорски столбови. Изградена е за време на британско владеење, а подоцна била преправена во православна црква. Овде некогаш била и зградата на Јонската академија, која подоцна е преместена. На врвот на тврдината се наоѓа светилник кој е изграден во 1822 година, прв изграден во Грција. Старата тврдина е една од најважните монументални градби, бидејќи тука се воделе најдраматичните битки во историјата на островот и со самото тоа што стои повеќе од 1000 години е значителен податок. Таа денес е инспирација за многубројни уметници и фотографи, а за време на летните месеци овде се организираат претстави и перформанси значајни за културниот живот на градот. Тврдината нуди фантастичен поглед на градот, главниот плоштад Спианада, а од другата страна на островот Видо. Пред тврдината се наоѓа статуа на генералот Шулен берг направена во 1715-та година додека сеуште бил жив, како благодарност за неговата пожртвуваност во борбата против Турците.