Водич за пакување

988

За повеќето, особено припадничките на понежниот пол, планирањето, односно пакувањето за едно патување претставува стрес и пренатрупаност, кое резултира со повеќе од еден куфер. За мажите пак, знае да биде сосема релаксиран момент најчесто во последниот час пред да се тргне, а пакувањето функционира по принцип што се најде при рака.

Сепак, пакувањето за зимување каде речиси секогаш се носи и ски опрема, може да биде вистински проблем. Како туристичка агенција која е организатор на патувања од ваков тип, Ви даваме неколку совети за тоа што да земете за да си олесните и секако да не заборавите нешто важно.

Потенко е подобро

Внимавајте „лесно“ да се спакувате, односно да не земете премногу работи кои нема воопшто ниту да ги искористите, туку се практични и корисни. Тоа не подразбира да земете една дебела јакна и со тоа да бидете обезбедени од студот. Напротив, земете повеќе парчиња гардероба и буквално облечете ги едни врз други. На таков начин, кога има слоеви, се задржува топлината, а исто така ќе можете да се прилагодите на секоја ситуација. Ако сте надвор добро ќе ви дојде некој слој плус, а ако сте во затворена просторија можете да намалите на облеката и да се чувствувате пријатно. На тој начин можете и да правите комбинации со гардеробата.

Предлози за комбинација: Долна маичка, тенка блуза со ракави, кошула, дуксер, џемпер, тенка јакна и подебела во зависнот од приликата.

Што се однесува на панталоните, кај мажите изборот е доста потесен за разлика од жените. Претежно се носат фармерки или ски панталони, додека жените покрај овие две комбинации можат да облечат и термо чорапи или хеланки, па повторно да се комбинира во зависност од температурата на местото каде се движат.

Обувки

Нема ништо полошо од ладни нозе додека сте на зимување. Затоа при изборот на обувките гледајте секогаш да се отпорни на вода и по можност внатре да имаат крзно. Секако без добри чорапи никако не треба да ги облечете чизмите или зимските чевли.

Аксесоари

Модата е составен дел од секојдневието, па не е исклучена ниту на зимување, а може и да се најдат додатоци, кои ќе ви служат и за топлење, но и за да бидете во тренд. Во интерес на просторот во куферот, можете да земете само една јакна, но со повеќе различни шалови, капи и ракавици, можете да изгледате „ново“ секој ден.

СКИ ОПРЕМА:

  • Крема за сончање и лабело
  • Заштитен шлем
  • Заштитни очила
  • Водоотпорна јакна
  • Водоотпорни ракавици
  • Неколку пара скијачки чорапи
  • Очила за сонче, но и скијачки очила
  • Мал ранец
  • Заштита за колениците и лактовите
  • Скии и ски борд
  • Скијачки чизми
  • Скијачка гардероба