Некои од најубавите плажи во Грција, но и во светот се сместени на најголемиот од групата јонски острови. Тоа во што бројните туристи кои ја имале можноста да ја посетат Кефалонија се согласни е фактот дека во голема мерка се разликува од останатите делови на Грција и дека го задржала оној традиционален грчки дух повеќе од било кој друг остров.
Зошто Кефалонија?
Затоа што туризмот е стар само дваесетина години. Природата е недопрена, мнозинството плажи се во изворен облик, островот е доволно голем за да не ви здодевно ниту еден ден, одлична дестинација и за меден месец, соло летување, како и семеен одмор со мали и големи деца. Затоа што е едноставно да се стигне до Кефалонија. Доколку сте љубител на наутиката, едрењето и возење со брод на прекрасни нестварни сини заливи и за тоа е како создадена. И затоа Кефалонија го задоволува вкусот на секој и е достапна за сечиј џеб.
Каде се наоѓа островот Кефалонија?
Помеѓу Лефкада и Закинтос сместен е најголемиот од седумте Јонски острови, Кефалонија. Островот има блага медитеранска клима и претежно е планински, додека крајбрежјето е полно со мали заливи.
Највисок врв тука е Мегас Сорос (1627 метри надморска височина), а главниот град го носи името Аргостоли. Најпосетуваното место на Кефалонија е токму Аргостоли. Од вкупниот број жители на Кефалонија, кое брои околу 36.000 жители, една третина живее токму во главниот град. По должина на пристаништето се наоѓа шеталиште, а околу главниот плоштад во центарот на градот се сместени скапите хотели.
Според грчката митологија Кефалонија го добила името по грчкиот бог Кефало (Kephalos). Според некои други преданија пак, името го добила поради тоа што е најголемиот остров во Јонско море и токму затоа бил наречен Kephale, како „главата“ на групата острови. Сепак, некои сметаат дека тој назив го добил поради формата, со оглед дека се состои од два дела, па го нарекле „остров со глава“.
Кефалонија брои 36 плажи, некои со ситни камчиња, некои песочни. На север се наоѓаат плажи со камчиња, а на југот на островот се сместени долгите песочни плажи. На некои песочни плажи се наоѓаат заштитени легла на морски желки.
Вкупната должина на крајбрежјето изнесува 237 километри, додека во непосредна близина на Кефалонија се наоѓа островот Итака.
Островот е познат по плантажи на маслинки, производство на сирење и винова лоза од која се прават вкусните грчки вина Робола, Мускат и Мавродафни. Главниот адут на Кефалонија се најубавите плажи на Медитеранот, но и храната. Кефалонија е остров во знак на сирењето (на прво место фета сирењето), виното, медот и маслинките. На Кефалонија главен специјалитет е пита со месо. Тука јагнешкото и јарешкото месо се највкусни на светот. На Кефалонија се застапени јадења како што се зајачки паприкаш, кајгана со домат, леб со оригано и маслиново масло (риганда), засолена и со црн бибер зачинета супа од грав (бурбурелиа), салата од компир, бел лук и октопод (алиаса) итн. Што се однесува до благото, тука може да се засладите со пита од бадеми, пржени бадеми, колачи со анис или со чист мед.
Кефалонија е позната по нејзините пештери, на прво место по пештерата Дрогарати и подземното езеро Мелисани кое исто така е во склоп на пештера. Се наоѓа недалеку од градот Сами. За оваа пештера се врзува митот за нимфите, а денеска е задолжително место за посета на секој турист.
На Кефалонија се наоѓа и малото гратче Фискардо, познато како грчкото Сен Тропе.
Островот е традиционален грчки, но со оглед на тоа дека бил под турска окупација, потоа под окупација на Венецијанците и Французите, па дури и Англичаните, на Кефалонија се забележува влијание на сите овие култури.
Кефалонија е позната кај филмофилите затоа што тука се снимаше филмот со Николас Кејџ и Пенелопа Круз „Мандолината на капетанот Корели“.
И покрај надалеку прочуената љубезност на островјаните, Кефалонија е славна по нејзините плажи.
Миртос (Myrtos)
Освен што е една од најпознатите плажи на Кефалонија и цела Грција, плажата Миртос се смета за една од најубавите на светот, а на таа листа го зазема високото петто место, како што се наведува во најновите податоци. Тоа по што уште е позната оваа плажа сместена на северниот дел од Кефалонија е и фактот дека на нејзиниот раб се наоѓа и малата пештера, која воедно е и нејзината атракција. Прекриена е со фини, ситни, бели камчиња,а водата е кристално чиста. Оддалечена е околу 30 километри од Аргостоли.
Антисамос
Долгата и широката плажа Антисамос се наоѓа источно од градот Сами, а особено е интересно што во плитката вода е присутна изразито смарагдната боја на водата. Во нејзина близина има доста природно зеленило, а можете непречено да го набљудувате славниот остров Итака. Прекриена е ситни камчиња и песок. Не можеме, а да не го спомнеме тоа што сосема сигурно ќе го чуете од секој жител на Кефалонија, а се однесува токму на оваа плажа. Имено, таа стана позната и по тоа што одредени сцени од филмот „Мандолината на капетанот Корели“ се снимани токму тука.
Скала
Со оглед дека плажата Скала е една од најдолгите на целиот остров, веројатно во ниту еден момент нема да имате чувство дека е гужва на неа. Долга е околу 5 километри, а прекриена е со фин, ситен песок во златно жолта боја. Околу целата плажа се наоѓаат борови, така што можете да уживате во природна ладовина.
Макрис Гиалос
Оваа фасцинантна долга песочна плажа се наоѓа во местото Ласи, веднаш до плажата Платис Гиалос. Мирисот на боровата шума и зеленилото, одличен бич бар, чадори и лежалки, прекрасна кристално -чиста вода, длабок златен и исклучително пријатен песок, доста содржини на плажата и спортски активности се тоа што ја прават една од омилените дестинации за туристите. Постојат и кабини за пресоблекување, а плажата е совршена како за децата така и за возрасните. Оваа плажа е позната и по спектакуларно заоѓање на сонцето.
Кефалонија – Јонската феникс птица која се родила од пепелот
Покрај природните убавини кои се заштитен знак на островот, сепак природата имала и свои други појави кои за островот пред 60-ина години значеле комплетна промена. Имено, во 1953-та година, Кефалонија го претрпе еден од најсилните светски земјотреси кој се случи на грчките острови на Јонското море. Неверојатни 113 потреси на дополнителни тресења го остави својот данок на Закинтос, Кефалонија, Лефкада и Итака. Низа од четири големи земјотреси, секој посилен од претходниот, кое траело од 9-ти до 12-ти август. Кулминацијата била токму на 12-ти август 1953-та со најстрашниот потрес од 7,2 степени по Рихтеровата скала и кој траел 50 секунди, а зас себе оставил голема трагедија.
Јачината на уништување била голема и Кефалонија била речиси непрепознатлива. Главниот град Аргостоли бил срамнет со земја и уништени биле речиси сите куќи во околните села, и за жал починало речиси 80% од локалното население. Многу мал дел од местата успеале да го избегнат најстрашното, затоа што ударот бил од јужниот дел на островот, кој се подигнал 60см над водата. Единствено подрачјето Фискардо на северот го избегнал разорувањето, додека илјадници останале без покрив на главите.
Токму затоа денеска на Кефалонија има недостаток на историска архитектура.
За среќа, помошта за народот веднаш почнала да пристугнува од сите страни на светот. Не само храна, лекови и помош за настраданите, туку и жителите добиле помош за повторно да ги изградат своите куќи и животи.
По оваа голема природна катастрофа, голем дел од жителите на островот, речиси 100.000 го напуштиле и заминале за САД и Канада, а останале само 25.000 кои успеале да го обноват. Низ годините, започнал животот да се враќа во нормала, и голем дел од граѓаните се вратиле во својот роден крај, и започнуваат да го развиваат туризмот, кој до пред неколку години беше сведен на минимум, а за Кефалонија се знаеше многу малку. Последниве неколку години почнува да станува се поинтересен за туристите, како најголем јонски остров со прекрасни плажи и убавини, но сеуште не може да се каже дека максимално се користат капацитетите на островот, кој допрва треба да ја развива оваа гранка, а со оглед на неговата големина, ветува многу.
Покрај славната и историја на јонските острови, на која покрај земјотресите имало и многу војни, сепак, секој пат повторно станува, буквално како феникс од пепел и се обновува, а нејзината природна убавина секогаш победува. Токму затоа народот на овој остров е еден од најјаките, најнезависните и едни од најгостопримливите.
Ете зошто се вели дека Кефалонија е љубов на прв поглед и задолжително треба да биде вашата дестинација за посета и уживање.
ПОНУДАТА за лето на КЕФАЛОНИЈА можете да ја погледнете ТУКА