Закинтос – остров на природата и мистичниот брод Навагио

2591

Остров со прекрасна природа, фасцинантно зеленило, прекриен со маслинки, цитруси, разно цвеќе и виногради. Остров на тиркизно сини плажи, испреплетен со историја и архитектура, а истовремено место за забава. Последните десетина години е еден од првите на листа на посета на бројните туристи од светот….

 Зошто токму Закинтос? 

  • Затоа што е идеалниот остров за семејства, авантуристи, истражувачи како и за оние кои ја сакаат забавата
  • Затоа што ќе имате единствена прилика да се запознаете со дивите Карета-Карета желки
  • Затоа што ќе останете маѓепсани со прекрасните пејзажи како и плажите кои ги нуди овој остров, скриените заливи, плантажите со маслинки, портокали како и винариите
  • Конечно ќе можете да се восхитувате на бродот кој е заринкан на една од најубавите плажи Навагио, прекрасниот залив по кој е и познат Закинтос
  • Затоа што во потполност ќе можете да се препуштите на развиениот туристички центар, а во исто време да уживате во традиционалните приморски летувалишта и идилични заливи

Демографија

Просечна температура      Мај      Јуни     Јули     Авг.   Септ.
Дневна температура        26°C     30°C     32°C     33°C     29°C
Температура на море       19°C     22°C    24°C     25°C     25°C

Островот спаѓа во групацијата седум јонски острови и е трет по ред по големина со своите 410км2 и должина на обалата од 123км. Своето име го добило по синот на тројанскиот крал Дарданус, кој се викал Закинтос. Поголемиот дел од жителите денес се Грци, но во последно време на него се населуваат поранешните чести посетители на островот со тоа што купуваат добар дел од недвижностите, а исто така се населуваат и доста млади странци, кои пронашле работа со туризмот на островот. Според последните информации, на островот живеат околу 40.000 жители, од кои една третина живееле во главниот град Занте, но секако бројката доста варира за време на летото кога голем дел од локалното население се враќа во родниот крај за да ги отворат своите сместувачки капацитети за големиот број туристи. Благата медитеранска клима и дождливите зими се тоа што го прават многу плоден овој остров, кој е идеален за одгледување на маслинки, грозје и цитруси.

Историја на островот

Дека јонските острови се славни одамна, говори и податокот дека тие се спомнувани уште во дамнешни времина и тоа во делата на славниот Хомер, еповите Илијада и Одисеја, во кои се говори дека токму првите жители биле синовите на кралот Дарданос од Троја, кои го населиле островот со нивните луѓе. Се пишува дека тие дошле уште во 1500-1600 година п.н.е. Островот бил под владеење на соседниот најголем јонски остров Кефалонија и неговиот крал Аркензија.

По него, со островот завладеал славниот Итачки крал, Одисеј, а по неговото владеење, островот се осамостоил и станал полис и тоа повеќе од 650 години.

Понатаму островот има слична историја како и со остантите од неговата групација и бил освоен од страна на Римјаните, потоа Млетачката република која оставила најголема трага врз културниот начин на живеење на островот, од локалниот дијалект (во кој има доста венецијански зборови), до архитектурата, носиите, кујната и општественото уредување. Во времето на млетачкото владеење, богатите островјани ги праќале своите синови на школување во Италија, а добар пример за тоа бил и грчкиот претседател Дионисиос Соломос, кој бил роден на Закинтос. Сепак, и покрај големите влијанија од Италија, Закинтос го зачувал својот грчки јазик и православната вера.

По нив, со островот кратко владееле Французите, за време на Наполеон, а потоа бил во составот на Републиката Седум острови, создадена под руско-турското влијание. Во 1815-та година, како и останатите острови, Закинтос влегол во составот на Британскиот протекторат Соединетите Држави на Јонските острови, се до 1864-та година, кога се соединил со новонастанатото Кралство на Грција. За време на Првата и Втората светска војна, островот не го почувствувал многу влијанието на војната, па така поминал без големи материјални разрушувања.

Градот Закинтос (Занте) е еден од најшармантните градови на Јонското море, се наоѓа на југоисточната страна на островот во еден залив, над кој се издигнува брдо прекриено со зеленило. Град со уредена архитектура со бројни интересни црквички, споменици и продавници. Долгогодишната окупација од страна на Венецијанците остава длабок траг врз архитектурата на овој град, која се забележува и до ден денес. Во текот на земјотресот во 1953 година, голем број од објектите се срушиле и градот е обновен со донации на локалните жители. По обновата градот ги задржува своите главни карактеристики. Од самиот град има добро организиран автобуски превоз со кој би можеле да стигнете до околните села и прекрасните плажи.

Лаганас се наоѓа на југоисточниот дел на островот, односно на 6 километри од главниот град, кој е воедно и заштитен морски национален парк. Ова место е најголемото летувалиште на островот од 8 километри должина на песочна плажа. Главен адут на овој залив не се само неговите плажи, туку и загрозената врска на желки Карета-Карета кои секое лето се враќаат на плажата на овој остров, каде ги положуваат своите јајца.

Истовремено Лаганас претставува рај за оние кои сакаат својот одмор да го поминат со забави и незаборавни излегувања. Во самиот центар на градот се наоѓа главната улица со бројни кафеани, барови и дискотеки, кои ви ветуваат бурен ноќен живот.

Заштитниот знак на Закинтос – плажата Навагио

Секој остров е познат по некоја уникатна и неверојатно, нереална прекрасна плажа, па така ниту Закинтос не изостанува по убавините и плажите. Овој остров стана познат токму по плажата Навагио, која се наоѓа во мал залив со извонредна плажа со кристално чисто и тиркизно море, која е дом на прочуениот закотвен пиратски брод. Постојат многу митови, приказни и шпекулации, за тоа како овој брод се насукал во водите на Навагио, а една од нив е дека бродот се насукал на нејзиниот брег во октомври 1980-та година. Водени се доста расправи за тоа како се нашол бродот таму, но преовладува тоа дека бродот бил шверцерски, па затоа и името на плажата е токму такво. Некои велат дека бродот шверцувал цигари, вино, па дури и луѓе, а кога властите го откриле тоа, го отерале бродот во ќош до обалата, крај која кружел и таму и се насукал. Некои пак велат, дека едноставно бродот кој навистина шверцувал имал проблем со моторот, па така завршил на плажата. Сите се согласни во тоа дека лошите временски услови тогаш, довеле до тоа да се насука бродот во заливот. Додека посадата на бродот се обиделе да ја спасат робата, голем дел од неа ја однеле брановите и така се израдувале локалните жители кои ја сокриле.

Без разлика на приказните за тоа како стигнал таму, она што е сигурно е дека на таа плажа е останат зачудувачки споменик кој го постави Закинтос на туристичката мапа на светот. Денеска е задолжително место за посета на сите туристи, кои доаѓаат токму за да се насладуваат на убавините на Навагио и да направат фотографии за паметење.

Понудата за лето на Закинтос 2020, можете да ја погледнете ТУКА