Ако оваа година планирате да патувате во Грција, ова е се што треба да знаете и да очекувате за време на вашето летување во време на пандемија.
После долгиот зимски локдаун, Грција почна да ги олабавува рестриктивните мерки и да ги отвора своите граници за некои земји без карантин, иако се уште има одредени мерки и протоколи.
Историски знаменитости, неверојатни острови и плажи, планини… Грција привлекува милиони туристи секоја година кои ја посетуваат токму поради сите овие природни убавини, барајќи бегство од секојдневието и одмор за душата.
Популарните дестинации, добрата храна и забава за време на летото, но и можноста да бидете далеку од гужвите, се вистинскиот рецепт за совршен одмор.
Како до Грција?
Сите странски туристи после затворените граници повеќе од една година, сега можат да влезат во земјата без карантин, само ако при влез во земјата приложат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, или со доказ за две примени дози од било која вакцина со изминати 14 дена од втората примена доза. Сите овие потврди мора да се издадени и приложени на англиски јазик. Од граничните премини има информација дека се можни случајни тестирања со брз тест на некој од патниците на граничните премини.
Во моментов влезот за македонските граѓани е дозволен преку граничниот премин Евзони кој работи од 6 до 22 часот по македонско време. Исто така пред да патувате за Грција, потребно е да се пополни формулар со вашите податоци и потоа добивате код кој го прикажувате на граница пред да влезете во земјата. Линкот од формуларот е следниот: https://travel.gov.gr/#/
Каква е ситуацијата со пандемијата во Грција?
Со тешките затворања во зимскиот период, Грција успеа да ја држи ситуацијата под контрола, подобро од многу земји во Европа, а отворањето на земјата се уште се одвива етапно и низ повеќе фази. Маските се задолжителни и на отворено и на затворено, кафулињата и рестораните смеат да работат само на отворено. До пред извесно време беа задолжитени смс пораките пред напуштањето на домот, каде секој граѓанин беше должен да испрати точно време на излегување и локација каде ќе се движи. Оваа мерка е укината, но се уште во земјата е на сила полицискиот час, кој постојано се намалува. Во моментов тој трае од 00:30 до 04 часот наутро. Со почнувањето на сезоната официјално од 14-ти мај, ситуацијата постојано се следи и доколку нема нови потешкотии, се очекува и комплетно укинување на полицискиот час.
Во секој случај, земјата се обидува да го врати туризмот во некое нормално ниво, и да успее да им го овозможи на туристите очекуваното искуство и задоволство. Доколку се одлучите да патувате во Грција ова лето, со сигурност нема да биде исто како порано, но ќе бидете безбедни да уживате на вашите омилени плажи.